„Твитер“: Од личен дневник до алатка за борба во светот

Миркица Поповиќ

Замислете си дека следите Олимписки игри во ист простор со луѓе од сите држави- учеснички и истовремено навивате и го коментирате развојот на настаните. Тоа е накратко „Твитер“.

Најголемиот технолошки бум за 2009 година не е „Виндоус 7“ или „Гугл вејв“, туку сервисот за микроблогирање „Твитер“. „Вистинскиот живот се случува меѓу блог- постовите и писмата по е-пошта. Затоа постои „Твитер“ за да ги направи достапни малите мигови од животот што се најважни“, се вели во видеото „’Твитер’ на едноставен англиски“, каде што едноставно графички се претставени основните цели и функции на овој сервис.

Ако на почетокот голем дел од корисниците го користеа на ваков начин како еден вид покус личен дневник, сега работите се значително променети. Голем дел од општествената дебата е префрлена на „Твитер“. „Твитерџиите“ велат дека преку „Твитер“ се’ помасовно се работи на подигање на колективната свест. Овој сервис е прогласен за најважната медиумска алатка при изборите во Иран годинава, како и за константно известување за тамошните безредија. Доказ за неговата ефективност е и фактот што иранските власти нарачале намалување на брзината на Интернетот за да се отежне пристапот на Интернет-активистите.

Со се’ поголемото користење на „паметните“ телефони и можноста да се користи овој сервис преку мобилен, бумот на „Твитер“ е уште поголем. Се „твита“ од конференции, честопати дискусиите многу брзо се префрлаат на твитер-страницата на конференцијата отколку на тркалезната маса, како и од протести, од каде што директно испраќаат фотографии преку дополнителниот сервис „Twitpic“. Според листата на најдискутирани теми што пред само неколку дена ги објави овој сервис, може да се резимира како изгледала нашата година, која тема, настан или личност најмногу не’ засегнала во изминатата година. Свинскиот грип, изборите и ситуацијата во Иран и Самитот во Копенхаген се најдискутирани теми, а од личности покрај кралот на поп-музиката Мајкл Џексон и моралната победничка на британскиот „Идол“ Сузан Бојл, еден од поактуелните е легендарниот Чак Норис, за кој дури може да се каже дека е едно од заштитните лица на „Твитер“.

„Твитер“ е сервис за микроблогирање и социјална мрежа. Во 140 карактери, должина слична на онаа на мобилните СМС-пораки, вашето секојдневие, размислувањата и интересите им стануваат достапни на твитерџиите низ светот. Да се направи профил и да се комуницира преку ова социјална мрежа е едноставно. Избирате корисничко име и лозинка, пополнувате формулар за основните детали, закачувате ваша слика и пишувате куса биографија, не подолга од една проширена реченица, избирате како сакате да изгледа вашата твитер-страница и почнувате да пишувате. Следен чекор е наоѓање луѓе, компании, здруженија кои ве интересираат да ги следите и да ве следат и твит-разговорот почнува да се разврзува.

„Твитањето“ на македонски може да се преведе како црцорење. Комуникацијата, пренос на идеи и новости премина во основна употреба на овој сервис. Како што потенцираат на „Mashable“, еден од највлијателните блогови за социјални медиуми, „Твитер“ не служи за поврзување со пријателите како „Фејсбук“, туку повеќе за пренесување информации. Основно е да се забележи дека кај „Твитер“ изостанува оној воајерски елемент што го има на „Фејсбук“ и повеќе се присутни директни линкувања до новинарски текстови, блогови, видеа, на кусо теми што поттикнуваат дебата во Твитер и надвор од него.

Истражување, спроведено од „Харвард бизнис ривју“ покажува дека само 10 отсто од корисниците на „Твитер“ креираат повеќе од 90 проценти од сите твитер-содржини. Интересно е што најгласните луѓе на „Твитер“ не се оние што се најгласни на телевизија или во весник. Пи-ар тимовите на политичките партии кои веројатно стојат зад нивните твитер и фејсбук-профили не се ни оддалеку толку интересни и привлечни како активните твитерџии. „Твитањето“ е уште еден начин граѓаните да ги преземат работите во свои раце и самите да бидат медиум, поттикнувајќи ја на овој начин јавната дебата, која кај нас речиси и да не постои на друго место, освен на Интернет. Дури и едноставниот, дискретен изглед на твитер-страницата укажува дека целта на овој сервис е иницирање и развивање разговор меѓу корисниците. Посебните теми означени со тагови „#“ покажуваат кои теми моментално се најактуелни на сервисот, што повикува на масовност, а не на елитизирани групи кои водат дискусија, како што, на пример, се случува во телевизиските емисии.

Еден од македонските неформални opinion-makers и најактивни твитерџии, Сеад Џигал, меѓу другото и коосновач на Центарот за нови медиуми, чии членови се едни од поактивните твитерџии, се обиде преку штрумфовски карактери да ги разграничи разните видови твитерџии според степенот и според видот на нивната активност. „Велетвитерџии се оние корисници што се претставуваат како првоборци на социјално-друштвените медиуми, ги следат најновите трендови, пуштаат информации од престижни странски медиуми и сајтови, Твит-текнувало се оние што своите дневни досетки, игри со зборови, шеги и слично ги пакуваат и пласираат на твитер, а најголем дел од нив се фокусирани на ликот и делото на Чак Норис. Твитумфета се шармантни припаднички на понежниот пол кои повремено даваат информации за своите дневни активности и примамливи детали од своето живуркање, Твит-муртенко се твитерџии кои оперираат со тагот # fail и преку тоа го критикуваат и самото „твитање“. Твит-мајсторче обично се корисници со значајно програмерско искуство и грст ИТ- препораки. И за крај, Твит-мрзливко е појава која одвреме-навреме остава по некоја порака од типот идам, таму не ми се оди, на работа сум, ќе пукнам и слично. Интересна Вуди Аленовска твит-реинкарнација“, забележува Сеад.

Во македонската твитер-заедница, главно, се забележуваат посериозните, сатирично расположени твитерџии. Чак Норис, како во глобални така и во локални рамки е херој број еден на овој сервис. Преку „Твитер“ заеднички се следат политички и дебатни емисии и дискусијата за нив се случува во реално време, како што се развива самата емисија.

Единствено, забележуваат дел од локалните твитерџии, македонската твитер-заедница е повремено многу негативна, користејќи го тагот „#fail“ премногу често за секаков вид настани од нашето секојдневие. Во Македонија бројот на твитерџии бележи пораст, со тоа што сега на сцена стапија и твитер-профилите на мобилните оператори, некои од медиумите, музички бендови, компании и, секако, политички партии. Целта на „Твитер“ за бизнис-компаниите покрај информирањето за новитетите, е токму тоа зближување на полично ниво, подобрување на комуникацијата и услугата за грижа на корисниците. Па, имате ли „Твитер?

линк до текстот: http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=2F8D4DAEAE256F49B13022C4461ED99F